Почнаа рестрикциите поради енергетската криза во земјава
Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) почна постапка за дополнително етапно спроведување на максимална рестрикција на осветлувањето поставено на државните патишта, со запазување на безбедноста на сообраќајот во ноќните часови. Рестрикции на осветлувањето нема да се вршат во тунелите на државните патишта.
Од Јавното претпријатие ги повикуваат корисниците на патиштата во земјава да ја прилагодат брзината на движење спрема условите на патот и да бидат внимателни заради нивна безбедност и безбедоста на останатите учесници во сообраќајот.
Оттаму појаснуваат дека рестрикциите се во насока на растоварување на енергетскиот систем од недостиг на електрична енергија во земјата, согласно со Уредбата на Владата од 30 октомври 2021 година со која се предвидува минимален сигурносен обем на осветлување на улици, плоштади и други објекти во земјава, која ги опфаќа и патиштата.
– Јавното претпријатие за државни патишта започна со рестрикција на осветлувањето на државните патишта. Имено, спроведувајќи ја одлуката на Владата, ЈПДП започна со намалување на осветлувањето во ноември 2021 година, се вели во денешното соопштение од ЈПДП. Во време кога државата се соочува со предизвикот на решавање на енергетската криза сакаме да ја известиме јавноста дека Јавното претпријатие за државни патишта започна постапка за дополнително етапно спроведување на максимална рестрикција на осветлувањето поставено на државните патишта, притоа запазувајќи ја безбедноста на сообраќајот во ноќните часови. Рестрикции на осветлувањето нема да се вршат во тунелите на државните патишта во Република Северна Македонија, појаснуваат од ЈПДП.