Во германските ресторани и хотели моментално недостигаат над 65.000 вработени, а таквиот недостиг, според месечните анкети во Германија, претставува редовен проблем за угостителската индустрија во оваа земја.
Па така, многу угостителски објекти во Германија се принудени да го скратат работното време поради недостигот на работници, или, пак, да стават клуч на врата во одредени денови од неделата, но и да ја ограничат понудата во менито.
Оние помалите ресторани, како што анализираат германските медиуми, веќе почнуваат да воведуваат самопослужување токму поради проблемот со недостигот на работници, но тоа претставува само краткотрајно решение.
Ваквиот безизлез практично ги принуди претставниците на Бундестагот неодамна да изгласаат промена на законите, особено на оние закони кои сега им овозможуваат и им нудат на младите од Западен Балкан далеку поедноставна процедура за нов почеток на нов живот во Германија.
Факт е дека во последните неколку години многу Македонци заминаа во странство за да си ја пробаат среќата, а сега тоа масовно иселување на младата работна сила од земјава полека почнува да станува рутина.
Освен оние со завршено средно медицинско училиште или со завршен медицински курс, кои имаат загарантирано работно место во Германија и кои добро заработуваат во споредба со нашите македонски услови, добра понуда за работа добиваат и угостителите, односно сите оние кои имаат барем некакво искуство со конобарство, шанкерство, кои некогаш во животот сечкале салата или готвеле ручек.
А платите за овие луѓе, за воља на вистината, се прилично високи, па многумина угостители од Македонија кои се заминати на печалба во Германија заработуваат и до 6.500 евра месечно.
Во просек, според германските медиуми, вработените во угостителската гранка добиваат плата од 2.000 до 3.000 евра, но високо платени и најмногу барани се готвачите кои добиваат и двојно поголема плата.
Еве пример за просечна плата во Германија за најчестите позиции во германските ресторани и хотели:
- Келнер – 1.650 до 3.750 евра
- Готвач – 2.400 до 6.500 евра
- Пекар – 1.590 до 4.000 евра
- Рецепционер – 1.700 евра
- Менаџер на настани – 3.500 евра
Вработените најчесто добиват и бакшиш и бесплатен оброк во текот на работното време, а уживаат и бенефиции како флексибилно работно време и можност за напредување во кариерата.