„Одморџиите“ и туристите кои прават кратки викенд тури тријат раце на новиот календар за 2024 година за неработни денови и државни празници во 2024 година затоа што ќе добијат многу слободно време без притоа да искористат денови од својот годишен одмор.
Во календарот има рекордни девет продолжени викенди кои поврзани со зимскиот пролетниот и летниот распуст на децата ќе бидат рај за оние што креираат спомени од посетите на разни туристички знаменитости, плажи и метрополи во текот на целата година.
Во објавената програма на Министерството за труд и социјална политика за неработни денови и државни празници за 2024 година имаме вкупно 9 продолжени викенди, затоа што има повеќе празници што се паѓаат во петок и недела.
- 01 јануари (понеделник) – Нова Година: Веќе е неработен ден.
- 08 јануари (понеделник) – Божиќ: Овој ден се паѓа веднаш по викендот, што ви овозможува продолжен викенд без да користите дополнителни одморни денови.
- 24 мај (петок) – Ден на сесловенските просветители: Земете одмор на 23 мај (четврток) за продолжен викенд.
- 02 август (петок) – Ден на Републиката: Слично, земете одмор на 1 август (четврток) за уште еден продолжен викенд.
- 09 септември (понеделник) – Ден на независноста: Овој празник се паѓа веднаш по викендот, создавајќи уште еден продолжен викенд без дополнителни одморни денови.
- 11 октомври (петок) – Ден на народното востание: Земете одмор на 10 октомври (четврток) за уште еден продолжен викенд.
- 09 декември (понеделник) – „Св. Климент Охридски“: Овој празник исто така создава продолжен викенд без потреба од дополнителни одморни денови.
Со 8 дена од одмор, одмарајте 14 дена во јануари
Погледнете ја оваа можност. Доколку користите одмор на 2,3,4,5,9,10,11 и 12 јануари, тоа значи дека ќе одмарате од 1-ви до 14-ти јануари. Речиси половина месец.
Со 5 дена од одмор, одмарајте 12 за Мај и Велигден
Втората одлична можност е во месец мај. Доколку користите одмор на 2, 7 8 9 и 10 мај, ќе одмарате од 1-ви до 12 мај. Односно вкупно 12 дена.
Со малку повеќе математика, повеќе време за букирање на апартмани, хотели или евтини карти со „Виз Ер“, може да се направат неколку кратки одмори, доколку можете да си го дозволите тоа и притоа да искористите само неколку дена од одморот кој според Законот за работни односи е минимум 20 работни дена.
ПРОДОЛЖЕНИ ВИКЕНДИ
Месец јануари има три споени викенди, првиот е веќе на прагот на Новата година, кога саботата и неделата се спојуваат со 1 јануари кој е неработен ден за сите граѓани. Ако се земе во предвид фактот што ден пред Нова година, односно петок, речиси никој во Македонија не работи и се подготвува за новогодишното славје, може да се спојат добри четири дена на планина или за дочек на 2024-та на некој од плоштадите во Белград, Софија, Виена, Загреб, Прага…
Ако сте го пропуштиле овој викенд, следува нов продолжен со понеделник 8 јануари кој исто така е неработен ден за сите граѓани во земјата, а оние поупорните може да испланираат и краток ски-одмор со ден или два од годишниот одмор од петок 19 јануари кој е неработен ден за сите граѓани од православна вероисповест.
Следната година, оние вработени кои ќе бидат најитри и брзи кај претпоставените во најавата за користење на одмор, ако земат одмор на 29 и 30 април (понеделник и вторник), како и на 2 мај (четврток), слободни ќе бидат од 27 април до 6 мај 2024 година, односно цели 10 дена затоа што ќе ги поврзат првомајските и велигденските празници кои се неработни за сите граѓани.
Следен споен викенд е 24 мај (петок) или Св. Кирил и Методиј – Ден на сесловенските просветители. Овој ден заедно со уште два дена од одморот во четврток и петок е доволен за мини-одмор во евтината претсезона на некоја од најблиските плажи во Грција или Албанија.
Продолжен викенд не чека и на 21 јуни (петок), петок пред Духовден кој е неработен за православните граѓани. Краток одмор од три дена споен викенд може да се земе и на 2 август (петок) за Ден на Републиката, потоа за 8 септември (недела), Ден на независноста, односно на 9 септември (понеделник) е неработен ден.
Сите граѓани ја завршуваат годината со продолжени викенди во октомври, за Денот на народното востание, 11 октомври (петок) и на 9 декември понеделник кој е неработен ден поради празнувањето на 8 декември (недела), Св. Климент Охридски.
Граѓаните од католичка вероисповед ќе ќарат продолжен викенд на 30 и 30 март, како и на 1 април (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден, потоа на 1 ноември (петок), Празникот на сите светци.
Граѓаните припадници на албанската заедница во Македонија ќе имаат продолжен викенд од 22-24 ноември поради 22 ноември (петок), Ден на албанската азбука, а граѓаните припадници на ромската заедница во Македонија ќе го поврзат 8 април (понеделник), Меѓународен ден на Ромите.
Според националните календари и законски уредените денови за празнување, Македонија е меѓу земјите во Европа со најмногу празници во годината, заедно со Кипар и Словачка.
Со Законот за празници во Македонија како неработни денови за сите граѓани се прогласени 11 државни празници. Покрај државните се празнуваат и верски празници. Така за верниците од православна вероисповед уште пет дена се неработни, верниците од католичка вероисповед празнуваат уште три дена, додека верниците од муслиманска вероисповед, пак, го одбележуваат Курбан Бајрам.
Во регионот рекордер е Словенија со 15 дена државни празници, еден ден помалку има Хрватска, 13 има Бугарија, а Грција 12 дена. Србија е на дното на листата со само осум неработни празнични дена годишно како државни празници, но за неработни денови во оваа земја се прогласени и неколку верски празници, па вкупната бројка неработни денови изнесува 13. Во другите земји од Европа водат Кипар и Словачка со 15 денови прогласени за државни празници.