Според Меѓународната организација на трудот (МОТ), административните и канцелариските занимања се меѓу најизложените на генеративната вештачка интелигенција. Особено се издвојуваат службениците за внесување податоци, сметководителите и книговодителите, како и административните секретари.
На глобално ниво, околу едно од четири работни места е на одреден начин изложено на генеративна AI, но МОТ нагласува дека тоа не значи автоматско исчезнување на работните места. Најчесто станува збор за преземање на дел од повторливите задачи.
Од 14 дена до една минута
Колку брзо може да се промени работниот процес покажува пример од Грција. Во една осигурителна компанија, AI систем го скратил времето за обработка на барање за здравствени бенефиции од 14 дена на околу една минута.
Слична примена е можна во банките, сметководството, човечките ресурси и други сектори каде што се обработуваат голем број документи и податоци.
Според МОТ, најверојатно следува трансформација, а не масовно исчезнување на работните места. Најголем притисок ќе има врз позициите што се базираат на повторливи задачи, внесување податоци и работа со дигитални документи.
